Лабораторија за физика

Лабораторијата за физика, како дел од Институтот за математика и физика, е една од најстарите лаборатории на Факултетот, основана уште со неговото формирање во 1960. година. Во неа континуирано се негува и развива наставната и научно – истражувачката дејност во областа физика и нејзината примена.

Во Лабораторијата за физика се изведуваат лабораториски вежби за студентите на Факултетот по предметите: Физика 1, Физика 2, Електрооптика, Физика на компјутерски игри, Вовед во наноматеријали и нанотехнологии, како и Физика за студентите од технолошко – металуршкиот факултет, Практикум по инженерска физика за студентите од Машинскиот факултет и Градежниот факултет и Физика за студентите од Машинскиот факултет и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.

Лабораторијата за физика е реновирана два пати во изминатите години и при тоа комплетно се обновени лабораториските вежби. Лабораторијата е опремена со голем број инструменти кои се користат за практичната настава на студиите од прв циклус студии, од кои еден дел се изработени самостојно од членовите на лабораторијата, а сите лабораториски вежби за атомска и нуклеарна физика се добиени како грант во рамките на проектот „Improving Educational and Training Capabilities in Nuclear Science and Applications”, финансиран од Меѓународната агенција за атомска енергија – МААЕ (2009 – 2011 година).

Исто така, во Лабораторијата се изведуваат симулациски вежби кои даваат можност преку дигиталните технологии да се приближат до студентите основните закони на физиката и нејзината примена во различни области. За таа цел, Лабораторијата за физика, како единствена лабораторија на факултетот, има изработено и видео туторијали за сите лабораториски вежби по физика, кои се достапни за студентите на веб страницата на Лабораторијата.

Во однос на опремата, Лабораторијата располага со опрема за прецизно мерење на должини, опрема за определување: специфичен топлински капацитет на тврдо тело, вискозност кај течности, специфичен топлински капацитет на воздух, коефициент на ефикасност на сончев колектор, фокусно растојание на собирни и растурни леќи, испитување фотоелектричен ефект, Франк – Херцов експеримент, испитување дифракција на електрони, апсорпција на γ– зраци со GM бројач, ширина на забранета зона на Ge, α и βспектроскопија, индекс на прекршување на планпаралелна стаклена плочка, полариметрија, индексот на прекршување на течности и раствори со Абе – ов рефрактометар, дифракција на компакт диск, оптички стимулирана луминисценција, оптичка карактеризација со UV ‑ Vis спектроскопија, како и 10 персонални компјутери и софтвери за симулации во LabVIEW, CrystalMaker, Lumerical Software Solutions и Unity3D.

Од друга страна, активностите во Лабораторијата се тесно поврзани и со научно – истражувачката дејност, како дел од наставата на втор и трет циклус студии. Лабораторијата располага со опрема за фотостимулирана и термички стимулирана луминисценција, ултравиолетова спектроскопија, како и целосна опрема за хемиска подготовка на примероци. Оваа опрема се користи во наставно – научната и истражувачката дејност, за изработка на магистерски и докторски дисертации во повеќе области на примена на јонизирачките зрачења и карактеризација на материјалите.

Лабораторијата за физика претставува еден од најважните сегменти во изведувањето на наставата по физика, овозможувајќи студентите преку практична работа да се запознаат со основите на мерењата, физичките законитости, логичката анализа на резултатите и моделирање на проблемите. Студентите имаат можност активно да се вклучат во работата во лабораторијата и надвор од наставните активности, за изработка на дипломски работи, истражувачки проекти и трудови за студентски конференции.

Лабораториска вежба за дифракција на електрони

Лабораториска вежба за проучување на алфа енергии на 226Ra